Во организација на „Europe House”- Крива Паланка, денеска во Занаетчиски дом – Куманово се одржа конференција за потребата од локални младински совети за поактивно вклучување на младите во општеството под мотото „Европа е со тебе”.
На панел дискусијата учествуваше и претседателката на Советот на oпштина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска која се осврна на активностите кои ги презема oпштината во врска со барањата и потребите на младата популација и нивно вклучување во различни проекти, како и за идните планови на oпштина Куманово поврзани со оваа тема.
На конференцијата беа споделени искуства од работата на постоечките локални младински совети, кои успешно делуваат и ги мотивираат младите за активно вклучување во сите сфери на општественото живеење.
Панелистите кои учествуваа во дискусијата ја нагласија улогата на граѓанскиот сектор како поддршка и партнер во функционирањето на локалните младински совети.