На градскиот плоштад вчеравечер се одржа шестото издание на музичкиот настан „Тумбсток“ во рамките на манифестацијата „Кумановско културно лето 2026“.
На концетот настапија дваесетина музички имиња од современата урбана сцена – David Black, La Mqrio, Kane & Lazae, Luce, Dimsa, Double G Mafia, Kriss, Zaff, TZ, Ziro, Togzi, Batec, G, Dina Ducevska, Edno Dete, Dame, Yungkilla и CV.
Ѕвезда на вечерта беше Тајзи со кого младата кумановска публика пееше во еден глас.
Разновидната содржина беше подготвена со цел да ги обедини љубителите на музиката од сите генерации, во една динамична вечер, со акцент на современата урбана сцена.
Музичкиот настан е во организација на Центарот за рурален развој „Бујрум”, со поддршка на Фондацијата за култура и спорт Куманово, под покровителство на Градоначалникот и Советот на Општината.
Центарот за рурален развој „Бујрум“ е организација посветена на поддршка на локалниот развој, младинските иницијативи, културата и создавање на услови и можности за активно учество на граѓаните во заедницата.
Инаку, претходните две вечери на плоштадот се одржа традиционалната меѓународна музичка манифестација посветена на ромската народна песна и изведба со дувачки инструменти. „Рома труба фест“ е во организација на Ансамблот на народни ромски игри и песни „Рушит Шакир” – Куманово, со поддршка на Општина Куманово и Министерството за култура и туризам.
Пред многубројната публика, фестивалот го отвори градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, нагласувајќи ја сплотеноста на мултиетничката заедница и мозаикот на обичаите, културата и традицијата.
На 21 издание на фестивалот настапија музички изведувачи и дувачки оркестри од Македонија, Србија, Бугарија и Франција.