Со повеќе активности викендов беше одбележана 82-годишнината од загинувањето на народниот херој Христијан Тодоровски Карпош.
Делегации на Сојузот на борци од Куманово, Армијата на Македонија, здружението на пензионери, политички партии, граѓани положија цвеќе пред бистата на Карпош во дворот на куќата- музеј, по што следуваа пригоден говор за ликот и делото на учесникот во НОБ од професорот по историја Ненад Јакимовски и рецитали од ученици во СОУ „Перо Наков“ под менторство на професорот по македонски јазик Фросина Милошевска и членови на поетскиот клуб „Обденица“.
Куќата-музеј за прв пат е отворена во 1979 година. Во текот 2019 и 2020 година таа е реновирана, а музејската поставка е обновена со значајни историски експонати. На приземјето е изложен мебел од триесеттите години на минатиот век, а на првиот кат се поставени форекси, фотографии, документи, оружје и други предмети кои го прикажуваат животниот пат и борбата на Христијан Тодоровски Карпош.
„Во најтешките години на Втората светска војна, Карпош застана на страната на правдата, водејќи се од идеалите за слобода, еднаквост и човечко достоинство. Неговата храброст и саможртва се дел од темелите врз кои е изградена слободата што денес ја живееме. Неговото дело нè обврзува да ја чуваме слободата, да ја негуваме вистината и да ги почитуваме идеалите за кои тој го даде својот живот“, велат од Музеј Куманово.
Христијан Тодоровски Карпош е роден во Куманово во 1921 година, а загинал на 07 февруари 1944 година во прешевското село Биљача. Прогласен е за народен херој на Југославија во 1945 година.
Во спомен на партизанскиот командант, здружението на армиски и полициски ветерани од активен и резервен состав на Куманово – ЗАПВАРС традиционално организираше „Карпошова вечер“ , во просториите на клубот.
„Присутните на настанот имаа можност да проследат документарен филм за ликот и делото на народниот херој, со евоцирање на славната македонска историја и неговата улога во партизанското револуционерно движење“, соопштија од здружението.
Патронен празник на 7 февруари одбележа и основното училиште „Христијан Тодоровски Карпош“.