Во просториите на општина Куманово денеска се одржа состанок на Локалниот совет за превенција на кој се разговараше за актуелната состојба со пожарите. На состанокот присуствуваа претседателката на Советот Ивана Ѓорѓиевска, претставници на СВР Куманово, Територијалната противпожарна единица, Обвинителството, пратеници, советници. Членовите на Локалниот совет за превенција врз основа на податоците што беа презентирани од надлежните се согласија дека причина за најголемиот дел од пожарите на отворен простор се намерно и свесно предизвикани од човечки фактор, а дел од пожарите настанале заради спојување на електрични жици или пак неисправна електрична инсталација. Територијалната противпожарна единица Куманово од почетокот на годинава до сега интервенирала на 390 пожари.
Присутните заклучија дека треба да се апелира до ЕВН, ЈП Државни патишта, ЈП Македонски железници во иднина да преземат превентивни мерки, односно да се изврши замена на застарената електрична инфраструктура (дрвени бандери и стари електрични кабли, претежно во рурални средини), да се расчисти ниската вегетација покрај патиштата и железничките пруги со цел намалување на опасноста од можни пожари во иднина, МВР да испраќа позачестени контроли на терен во време на летниот период, да се продолжи со кампања за развивање на повисока свест меѓу населението, да се почитуваат мерките на претпазливост и да се казнуваат сторителите за кои истражните органи имаат докази.