Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски денеска оствари средба со функционери од високи државни институции и со претставници од локалната заедница, објави Општина Куманово.
Според објавата, на состанокот присуствувале претставници од Министерството за култура и туризам на РСМ, министерот Седат Сулејмани и државниот советник за заштита на културното наследство, Афет Јашари, директорот на НУ Националниот конзерваторски центар – Скопје, Александар Јордановски и државниот секретар Беса Ода Муртези, муфтијата од Исламската верска заедница – Куманово, х.Абедин еф.Имери и член на Советот на Општината, Скендер Османи. Во пригодна атмосфера биле разменети мислења и конкретни предлози за заштита на објекти, кои се од историско и културно значење за градот и околината, како и за промоција на националниот културен идентитет.
„Присутните го потенцираа богатството на мултиетничката заедница, сплотеноста, меѓусебната почит и поддршка кај граѓаните, кои заеднички ги градат и развиваат општествените проекти и достигнувања“, пишува во објавата.