Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев денеска заедно со претставници на Секторот за полициски работи од општа надлежност при Одделот за униформирана полиција, одржа работен состанок со раководителите на одделенијата за полиција и превенција при секторите за внатрешни работи, соопшти Министерството за внатрешни работи.
На состанокот беа разгледани досегашните активности, приоритетите и насоките за унапредување на полициското работење, со посебен акцент на зајакнувањето на координацијата, заедничкото планирање и поврзувањето на оперативното работење со превентивното делување.
Посебно внимание беше посветено на реализацијата на каскадните обуки за униформираните полициски службеници, кои опфаќаат укажување прва помош во соработка со Црвениот крст, како и постапување при нарушување на јавниот ред и мир од поголем обем.
Притоа, беше истакната важноста на континуираното стручно оспособување, професионалната подготвеност, етичкото постапување и личниот интегритет на полициските службеници, како и одговорноста на раководните структури во планирањето и следењето на обуките.
Целта е унапредување на ефикасноста и професионалноста на полицијата, навремено препознавање и спречување на безбедносните ризици, како и градење цврста доверба и партнерски однос со граѓаните.
