(ВИДЕО) Младинскиот оркестар освои „Гранд при“ на меѓународен натпревар

Младинскиот оркестар на НУЦК „Трајко Прокопиев“, освои „Гранд при“ во категоријата поп и џез ансамбли, но и специјална награда на Меѓународниот натпревар на млади музичари „Сергеј Михајлов“ што деновиве се одржа во Штип. Фестивалот се одржува втора година по ред, а натпреварувачките дисциплини вклучуваат поп и џез, традиционални инструменти и состави, класична музика и теоретски предмети. Менторот на младите кумановски музичари, Александар Митрички вели дека наградите ќе бидат поттик за сите учесници на натпреварот, потврда за досегашниот ангажман, но и голем успех за националната установа.

– Се пријавивме и на почетокот на првиот настап беше само пред четиричлена жири комисија и јас како ментор таму. Оркестарот беше навистина феноменален, ја победивме и тремата и освоивме прва специјална награда со максимални сто поени. Радосната вест беше што дознавме дека сите што освоиле сто поени ќе учествуваат на концерт кој ќе биде оценуван и со физичко присуство на публиката, околу 200 луѓе во центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип. Одбравме една песна од сите што ги подготвувавме, од Каролина Гочева  „Кој да ми запее“ во наша верзија, и навистина ценам што и публиката го кажа своето со аплаузот, меѓутоа што жирито го препозна тој наш труд и од целата конкуренција на меѓународниот фестивал не одбра нас да освоиме „Гранд при“ во категоријата поп и џез ансамбли, изјави Александар Митрички, ментор, стручен соработник за сценско-музичка дејност во НУЦК „Трајко Прокопиев“.

Натпреварот за млади музичари го организираат Државниот музички училишен центар „Сергеј Михајлов“ од Штип и Здружението „Уметност за сите“ чиј претседател е нашиот сограѓанин Филип Стевановски.

– Секоја чест за организацијата, за тие луѓе што најдоа храброст и време во време на пандемија  да организираат натпревар со физичко присуство. Ние кога го формиравме оркестарот навистина не го формиравме за признанија и награди туку за афирмација на млади музичари, на локалната музичка култира, меѓутоа ова што се пријавивме иако не ни беше планирано во програмата дојде навистина како да имавме потреба за некоја оценка, потврда за нашиот труд. Цела година и во време на пандемија направивме  многу концерти, многу настани во соработка со сите институции, со МВР, со Локален совет за превенција, со Фондацијата за спорт и култура, изјави Митрички.

Победничкиот екипа на Младинскиот оркестар беше во состав од вокалот Анастасија Филиповска , ученичка во Гимназијата  „Гоце Делчев“, Филип Стојковски- џез музичар и свири гитара, Јован Цветковиќ е студент на пијано на Музичката академија, Никола Стојковски е ученик во СОУ „Наце Буѓони“ на бас гитара, Иван Стајковски е студент на кларинет на ФМУ во Скопје и Марко Тимчевски е иден фармацевт, на ударни инструменти.

Коментари

коментар(и)