Полициските службеници во изминатите три дена регистрирале 1.621 сообраќаен прекршок на патиштата низ државата, а 43 лица биле лишени од слобода поради безобѕирно управување со возило, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Контролите биле спроведени на 24, 25 и 26 август од страна на полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи. Од вкупниот број издадени платни налози, 456 се однесуваат на возачи кои ја надминале дозволената брзина. Од 43-те лица лишени од слобода поради безобѕирно управување со возило, двајца биле фатени како управуваат под дејство на алкохол, 20 возеле без возачка дозвола, а двајца управувале возило и покрај претходно изречена забрана. Во истиот период биле одземени и 19 возила, соопшти МВР.