Напролет ќе отпочне реконструкцијата на Театар Куманово

Во февруари следната година најверојатно ќе биде распишан тендер, а  напролет ќе започне реконструкцијата на Театар Куманово, информира  директорот Сашо Тодоровски, посочувајќи дека проектот е завршен, а обезбедувањето на потребните документи и подготовката на проектот за установата која се наоѓа помеѓу две училишни згради траеле повеќе од една година.

– Во февруари би требало министерството за култура да го распише тендерот, да се пријават фирмите и очекуваме некаде во април, мај би можело да започнат првите фази за изградба на Театар Куманово. Тоа ќе биде во неколку фази, најверојатно ќе трае две-три години целокупната реконструкција и адаптација, меѓутоа треба да се започне наскоро. Во првата фаза би требало да се отпочне со темелите, реконструкција на гледалиштето, нивелација на сцената, а потоа да се оди и со останатите работи во зависност од тоа колку и како ќе се обезбедат финансиските средства, изјави Сашо Тодоровски, директор на НУЦК „ Трајко Прокопиев“

Со реконструкцијата,  театарот ќе добие дополнителни простории, но ќе се намали бројот на седиштата за публиката, велат надлежните.

-Бројот на седиштата за публиката ќе биде намален, од сегашните 270 предвидено е да се намалат на 200  бидејќи се потребни и други дополнителни простории за светло, кабина, тон кабина и други работи кои се предвидени во проектот, меѓутоа ќе биде секако функционален театарот и со толкав број на седишта.  Сцената ќе остане иста, само ќе се нивелира, израмни бидејќи сега не е таква како што изискуваат потребите на уметниците и на актерите така што ќе се среди и таа работа, изјави Тодорвски.

Иако зградата на Театар Куманово со години се наоѓа во незавидна состојба за изведба на претставите и други уметнички дела, установата секоја година спроведува успешна програма. Инаку, деновиве целосната реконструкција на театарот ја најави и министерката за култура Ирена Стефоска  на прес-конференција презентирајќи го предлог- буџетот на министерството за наредната година.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)