Жители на повеќе кумановски населби, Перо Чичо, Карпош, Бабин дол и граѓани од улицата „Никола Тесла“ реагираат на нередовно изнесување на сметот и недоволен број на контејнери поради што секојдневно се создаваат мини депонии покрај улиците и живеалиштата. Бараат поголема ажурност од екипите на јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ за услугата што ја плаќаат.

Надлежните од комуналното претпријатие тврдат дека сметот редовно се собира и депонира, иако признаваат дека работат со намален број на возила заради одредени дефекти. Сметаат дека во Куманово не постои еколошка свест кај дел од граѓаните и ги повикуваат комуналните инспекциски служби и полицијата да бидат поактивни на терен и да казнуваат за несовесно однесување кога станува збор за заштита на животната средина.
„Сметот во централното градско подрачје се изнесува редовно, на некои локации и три до четири пати, во населбите еднаш или двапати неделно. Пред извесен период имавме малку проблеми со нередовно изнесување заради дефекти на некои од возилата, но работиме на подобрување на нашите дефекти. Периодов има и зголемена количина на смет во градот, особено откако дојдоа на одмор иселениците. Имаме план да се постават уште 80 полуподземни контејнери бидејќи еден таков заменува пет обични контејнери. Во моментов, во просек дневно се изнесуваат од 130 до 140 тони смет. Од вкупно 24 возил со дефекти се соочуваат околу 30 проценти. Станува збор за специфичен тип на возила, потребно е комплетна замена на возниот парк бидејќи возилата работат 24/7 и се подложни на дефекти. Ги повикувам граѓаните на повисока еколошка свест, општинските комунални служби и полицијата да ги казнат граѓаните кои што свесно ја загадуваат животната средина“, изјави Ненад Стојановски, директор на ЈП „Чистота и зеленило“
