Од понеделник до петок идната седмица повторно се најавени протести пред зградата на Управата за јавни приходи од кумановци кои што работеле во кризните подрачја во Ирак и Авганистан, поради одлуката за ретроактивно оданочување на средствата што ги добиле по основ на плата за 2020 година.
Според најавата на социјалните мрежи, протестите ќе траат од 14 до 16 часот, секој работен ден.
„Протестите се организираат поради данокот што УЈП го утврди за 2020 година, кој неправедно нè погодува сите нас. Ова е борба за остварување на нашите права, за нашето достоинство и за иднината што нема да ја прифатиме со наведната глава. Излезете масовно – бројноста е нашата најголема сила. Секој што не може лично да присуствува од оправдани причини, нека испрати некој што може – член од семејството, пријател или колега. Борбата е за сите, затоа поддршката мора да биде заедничка. Нема веќе чекање и молчење. Ако денес не сме таму, утре ќе биде доцна. Да покажеме дека сме обединети и решени да истраеме до крај“, стои во повикот.