Од септември Спортска академија во Куманово

Деветоодделенците , спортски таленти за првпат  можат да го продолжат своето средно образование запишувајќи се во спортска паралелка по кошарка во Куманово, која ќе биде во рамките на државното средно училиште Спортска академија во Скопје. Средното училиште Перо Наков доби одобрение од Министерството за образование и наука за запишување деветоодделенци во прва година на Спортска академија. Директорката Мила Жибак посочува дека наставата ќе се одвива во просториите на училиштето, но документите за упис се поднесуваат во државното средно училиште во Скопје. Претходно , како што појаснуваат надлежните ќе се изврши селекција на кандидатите. Селекцијата ги опфаќа и деветоодделенците од Крива Паланка.

-Би сакала да потенцирам дека тоа ќе биде еден вид на испостава на државното средно училиште Спортска академија во Скопје само што наставата ќе се одвива во просториите на нашето училиште, нашите наставници ќе држат настава за општо образовните предмети, а за дополнителните предмети, тренери ќе доаѓаат директно од Скопје, со тоа што паралелката ќе биде исклучиво по кошарка. Селекција на заинтересираните кандидати ќе се одвива во нашата спортска сала на „Перо Наков“  на десетти мај со почеток  во 10 часот со тоа што тренери од Федерацијата и претставници од МОН ќе бидат присутни и ќе вршат селекција на заинтересирани кандидати. Потоа оние кои што ќе бидат одберени ќе можат документите за упис да ги поднесат во државното средно училиште Спортска академија во Скопје и потоа на конкурс пријавените ќе си слушаат настава во нашите простории. Има наставен план, четиригодишно образование, со тоа што по завршување на средното образаование ќе се добие диплома која што ќе биде еднаква како и сите други гимназиски диполоми и учениците ќе можат на било кој друг факултет да се запишат, доколку не се пронајдат во спортот, изјави Мила Жибак , директор на ДСУ „Перо Наков“

Освен на Спортска академија, идните средношколци согласно објавениот Конкурс во „Перо Наков“  можат да се запишат и во економско-правна и трговска струка или текстилно –кожарска струка.

-На учениците им нудиме и практична настав по кожарско- текстилната струка, опремени се работилници и практична настава кај работодавачи каде што можат практично да се обучат и да бидат подготвени за барањата на пазарот на трудот. Економско правна – трговската  струка  се уште е поатрактивна од другата струка, но правиме напори да ги заинтересираме учениците и за другата струка, изјави Жибак.

Во средното училиште „Перо Наков“  во прва година ќе се запишат 714 ученици во 21 паралелка  според наставните планови и програми за:

Економско-правна и трговска струка – 442 ученици во 13 паралелки и во Текстилно – кожарска струка – 272 ученици, 8 паралелки.