Пред преполната сала на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, вчеравечер свечено беше отворен МТФ „Денови на комедија“
Првата вечер од 27-то издание на фестивалот започна со претставата „Вечера за глупаци“ од Театар Велес, во режија на Ненад Витанов.

На отворањето на фестивалот, на актерот лауреат Сашко Коцев му беше доделена наградата „Васил Иљоски“ за особен придонес во театарската уметност, посебно во делот на комедијата. Коцев кариерата ја започна на сцената на Театар Куманово.
„За театар се потребни двајца, едниот да игра на сцената, а другиот да гледа, тоа е публиката. Никогаш не би можеле да постоиме без вас. После ова, најбитно е човек да не се конзервира, после ова за мене е уште потешко, одговорноста и очекувањата се уште поголеми. Верувам дека нема да ја изневерам публиката“, кажа Коцев, обраќајќи се на публиката откако ја прими наградата.
Фестивалот за отворен го прогласи и отвори градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски. Тој истакна дека овој традиционален театарски фестивал претставува можност да избегаме од секојдневните обврски, во еден свет кој искрено ќе не насмее и доближи до уметничкиот контекст, со цел да го прошириме погледот на свет, учејќи повеќе да ги цениме перспективите на другите.
Фестивалот е поддржан од министерството за култура со 600 илјади денари и Советот на општина Куманово со 330 илјади денари, а секако и од општествено одговорни компании од градот.
Вечерва на репертоар е Театарот од Охрид со претставата „Секс лаги и љубомора“ од 20:00 часот.
На Фестивалот ќе се изиграат единаесет театарски претстави кои се во конкуренција за награди кои ќе се доделат на затворањето на фестивалот на 9 октомври. За наградите: најдобра
актерка/актер, најдобра споредна улога женска и машка, најдобра режија, сценографија, костимографија и најдобра претстава одлучува стручна жири комисија.