Над 30 медицински тима од здравствените домови во државава во наредните пет недели ќе ги посетуваат семејствата каде што има понизок опфат на вакцинирани лица и ќе ги информираат за придобивките од имунизацијата, ќе делат промотивен материјал и во договор со нив ќе може да се закажуваат термини за вакцинација од редовниот календар за имунизација.
Ваквите теренски активности се во рамки на кампањата за промовирање на имунизација на Министерството за здравство (МЗ) по повод одбележувањето на Европската недела на имунизација 2023. Кампањата се реализира заедно со Светска здравствена организација (СЗО) и со финансиска поддршка од Европската Унија (ЕУ).
„Со кампањата ќе бидат опфатени 20 општини (120 населени места, рурални и урбани), каде што е регистриран понизок опфат на вакцинирани деца согласно календарот за задолжителна имунизација, како и вакцинација против ковид-19. Кампањата ќе трае пет недели (до крај на мај) и се планира да бидат посетени над 2 900 семејства“, велат од Министерството за здравство.
Во рамки на кампањата, додаваат од Министерството, постарите лица над 60 години ќе имаат можност на самото место да примат поливалентна вакцина против ковид-19 како засилувачка доза.