Прием на првачиња во „Браќа Миладиновци“

Основното училиште „Браќа Миладиновци“ утрово организираше прием на 150- те првачиња кои што оваа учебна година ја започнуваат во центарот на Куманово. Со пригодна програма на првоодделенците им беше посакано топло добредојде во училишните клупи,  а присутните ги поздрави  директорката Марина Манојловска.

-Драги мои првачиња, среќен Ви почеток, да се живи и здрави, сите најубави мигови во живот ќе почнат од денеска, затоа што сите велат дека детството е најубавиот период. Нека Ви е честит првиот училишен ден. Среќно! , рече Марина Манојловска, директор на ООУ „Браќа Миладиновци“

Освен во „Браќа Миладиновци“ , во останатите училишта не се организираше прием на првачиња поради предупредувачкииот штрајк на СОНК, незадоволен од покачувањето на платите за само пет проценти. Вчера беше најавено дека прием на првоодделенци ќе организира и основното училиште „Браќа Рибар“ во село  Табановце каде што беше предвидено присуство на градоначалникот Максим Димитриевски, но утрово во последен момент настанот беше откажан.   

Инаку, директорката Манојловска потенцира дека работи согласно законот.

– Прием на првачиња имаше само во ООУ „Браќа Миладиновци“ на барање на учителките од прво одделение. Како директор сум должна да го организирам тој настан, се надевам дека настанот беше супер организиран и дека сите се задоволни од она што ние како училиште го организиравме. Како директор не навлегувам во работата на СОНК од таа причина и не дозволувам навлегување на СОНК во мојата воспитно образовна работа која според систематизација сум должна да ја направам и спроведам во ова општинско основно училиште, изјави Манојловска.

Директорката информираше дека останатите ученици денеска не се на настава бидејќи сите наставници од второ до деветто одделение се солидаризирале со објавата на СОНК .

Коментари

коментар(и)