„Топли одрони“ е насловена стихозбирката на поетесата Ирена Белешковска, промовирана вчеравечер во Крива Паланка.
Промотори на книжевното дело беа претседателот на Друштвото на писатели Христо Петрески и Кристина Николовска, раководителка на Катедрата за македонска книжевност и култура при ФЛФ, УКИМ, според кои Белешковска е исклучителен талент со изграден и препознатлив стил од која се очекуваат нови книжевни возбудувања.
За своето книжевно првенче Белешковска вели дека содржи поезија со многу силни емоции, со многу реални и силни пораки за важноста на добрината, за моќта на љубовта во сите нејзини форми: од мајчинска, преку сестринска, до љубов кон пријателите и ближните…со пораки кои ја акцентираат насушната потреба на човекот да биде човек во време на ерозија на вредностите и хипокризија на личностите.
Ирена Белешковска е од Крива Паланка , дипломиран филолог по македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Долгогодишен член е на Литературниот клуб „Калин“ при НУ Центар за култура Крива Паланка, новинар – дописник на МИА и истакнат спортски работник.
Учествувала на повеќе национални и меѓународни конкурси и фестивали за поезија, во земјава и соседството.