„Промовирање на родовата еднаквост во науката и технологијата“ или EQUAL SciTech е проект од програмата на Еразмус+ на кој веќе неколку месеци работи проектниот тим од СОУ „Перо Наков“. Координатор на овој проект е училиштето АЕСКАС од Португалија, а покрај нашето училиште, партнер земји се Италија и Германија. Сите учесници во проектот веќе одржаа три заеднички средби во Португалија, Германија и Италија. Овој проект има задача да ги поттикне ученичките со поголема храброст и самоувереност да пристапат кон изучување на разните области од науката и технологијата, инженерството и математиката (скратено СТЕМ).
Со децении овие области биле доминантни исклучиво од машката популација, постоеле огромен број бариери и стереотипи, а многу често и предрасуди кои довеле до многу мал број на жени во било која од овие области. Оваа слика значително се менува во последните години и добива нагорен тренд во полза на застапеноста на жените во овие традиционално машки професии. Кариерните насоки кои сега ги добиваат учениците не подразбираат само машки или само женски професии. Но, како и за сѐ, така и за оваа промена потребни се огромни напори во промоцијата на самата идеја, затоа што иако има поместување тоа сепак е недоволно. Сѐ уште се присутни стереотипите, сѐ уште постојат истите бариери кои ја отежнуваат целокупната ситуација.

Во рамките на овој проект извршена е анализа за застапеноста на жените во СТЕМ и со гордост може да се каже дека во нашата земја од година во година бројката на жените кои се занимаваат со истражувања во овие области се зголемува. Според бројките на Институтот за статистика на УНЕСКО од 2016 година до 2022 година, кога се направени последните анализи, процентуалната застапеност на жените, иако со многу споро темпо, сепак бележи пораст секоја година.

Во наредниот период планирано е изготвување на педагошки алатки кои можат своја примена да најдат и во наставата. Врз основа на веќе изготвениот Водич за пристап кон оваа тематика, ќе бидат креирани едукативни игри, дигитална книга, ќе се работи на Видео фестивал и создавање на Платформа која во себе ќе ги содржи сите анализи, истражувања и резултати од проектот. Секако нема да изостане и организирањето на настани кои ќе служат за промоција на проектот, неговата идеја и постигнатите резултати.
