Режисерот Милчо Манчевски доби Специјална награда на фестивал во Италија

Македонскиот режисер Милчо Манчевски доби Специјална награда на фестивалот И-фест во Калабрија, Италија, каде тој е почесен гостин и каде се чествува на неговото филмско творештво со ретроспектива на комплетниот опус, од „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“, „Бикини Мун“, „Врба“ и „Кајмак“ до кратките „Четврток“ и „Крајот на времето“, соопштија од неговата продукција. Тој исто така одржал и мастерклас. Фестивалот објави и соопштение во кое изразува целосна поддршка и солидарност со Манчевски, осудувајќи го политичкиот прогон на кој е тој изложен од македонските власти затоа што пријавил корупција, објави деновиве порталот МКД.

„Ме изненади наградата и ме потсети на зборовите на тогашниот директор на Венецискиот фестивал, Џило Понтекорво, кога ми ја врачуваше десеттата награда во иста вечер во Венеција: ‘Баста, сињор Манчевски’. Ја посветувам наградава на сите оние кои вредно работат на филмовите, без никој да знае за нив: истражувачи, публицисти, правници, дистрибутери…“, изјавил Манчевски.

На почетокот на септември, „Кајмак“ ја освои наградата за Најдобар филм на фестивалот Синеквест во Калифорнија, САД, каде ја имаше и американската премиера, а три дена претходно и специјално признание на жирито ФЕДЕОРА (Федерација на филмски критичари од Европа и Медитеранот) на фестивалот во Херцег Нови, Црна Гора.

 

Коментари

коментар(и)