Во завршна фаза е реконструкцијата на УОМО „Панче Пешев“, објави на социјалните мрежи градоначалникот Максим Димитриевски.
Според објавата, со посветена работа, музичкото училиште добива реконструиран кров, нова енергетско-ефикасна фасада, ПВЦ прозорци и нова влезна врата, внатрешно варосување, нов хидрантски систем.
„Создаваме подобри, побезбедни и поефикасни услови за учениците и наставниот кадар“, напиша Димитриевски.
Реконструкција на УОМО „Панче Пешев“ – Куманово започна во мај годинава. Надлежните тогаш информираа дека станува збор за прва реконструкција на музичкото училиште од неговата изградба, со што по долг временски период објектот же добие целосно нов лик и подобри услови за работа.
Реконструкцијата е дел од проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, финансиран од Кралството Шведска и Општина Куманово, а имплементиран од УНДП, со фокус на подобрување на квалитетот на воздухот и унапредување на енергетската ефикасност.