Општинската организација на СДСМ Куманово денеска одржа прес-конференција во врска со неприфатената предложена точка за дополнување на дневниот ред на вчерашната седница на Советот, по која требаше да се отвори расправа за проблемите со кои се соочуваат граѓаните на Куманово кои работеле во американските бази во Ирак и Авганистан, а кои се однесуваат на ретроактивното оданочување.
„Со ваквата одлука, претседателката на Советот ја злоупотреби својата функција, оневозможувајќи демократска и институционална расправа и ускратувајќи им го правото на советниците да дискутираат за прашање од висок јавен интерес. Истовремено, беше овозможено на градоначалникот да дискутира, што претставуваше селективен пристап и прекршување на принципите на еднаквост и транспарентност во работата на Советот. Ваквиот пристап кон ретроактивното оданочување директно го доведе во ризик идниот економски развој на град Куманово, при што граѓаните кои со години вложувале во локалната економија и придонесувале за финансиската стабилност на градот се доведени во состојба да ги пренасочат своите средства и идни инвестиции надвор од државата. Куманово повеќе од 15 години се развиваше токму благодарение на средствата од овие граѓани. Дополнително, ваквите одлуки создаваат сериозна несигурност и во банкарскиот сектор, при што дел од граѓаните започнаа со повлекување на своите средства, а кај останатите се создава чувство на недоверба и страв, што може да резултира со трајно насочување на финансиските приливи во странство“, рече Дарко Ристовски, претседател на ОО СДСМ Куманово.