„Инклузивното образование треба да биде наш врвен приоритет бидејќи само така ќе покажеме вистинска грижа за различните потреби на учениците при што ќе им обезбедиме пристапност, соодветна поддршка и со самото тоа ќе се зголеми нивното учество во училиштето и заедницата“, рече на денешната прес-конференција Драган Јаневски од општинската организација на СДСМ Куманово говорејќи за 287-те стипендии за децата со попреченост кои што се запишани оваа учебна година во прво и второ одделение, а ги обезбеди Владата во соработка со Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“, Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“.
-Со тоа се поттикнува запишувањето на учениците со попреченост во редовното образование и се поддржува инклузивното образование за секое дете. Проектот овозможува и туторска поддршка на овие деца, со што 30 тутори кои поминаа низ процес на обука ќе им даваат дополнителна поддршка на децата во совладување на наставната содржина. Тука се вклучува и постепено прилагодување на образовните содржини, изнаоѓање на соодветни наставни приоди и инклузивна организација на воспитно образовниот процес за да се овозможи достапно и квалитетно образование за секое дете поединечно, рече Драган Јаневски од општинската организација на СДСМ Куманово
Јаневски посочува дека преку образованието полесно ќе допрат до сите, до менување на ставовите во нашата заедница, согледување на различностите, прифаќање на другиот до нас, при што преку инклузијата сите ќе бидат еднакви, иако имаат различни потреби.