Се гради спортско игралиште во Клечовце

Почна изградбата на спортско игралиште во училишниот двор на основното училиште „Вера Которка“ во кумановското село Клечовце. Теренот е подготвен, поставен е асфалт, што пак значи дека ќе се подобрат условите за изведување на наставата по физичко и здравствено образование, а игралиштето ќе може да го користат и месното население и рекреативците.

Надлежните во училиштето очекуваат  да почне и замена на фасадата од трите страни, обнова на прозорци, подови, проект којшто е финансиски поддржан од Министерството за образование и наука.

Општина Куманово, пак претходно најави дека ќе одвои средства и за поставување на систем за парно греење.

Во основното училиште во село Клечовце настава следат 61 ученик од повеќе села од кумановско, Војник, Стрезовце, Јачинце, Бељаковце и Клечовце од прво до деветто одделение. Наставата се изведува со физичко присуство во прва смена во комбинирани паралелки.