Се одбележува Меѓународниот ден на човековите права

На 10-ти декември, Меѓународниот ден на човековите права, SafeJournalists, односно мрежата на новинарски здруженија и медиумски синдикати од земјите од Западен Балкан која се стреми да ја подобри позицијата на новинарите во регионот истакнува дека нејзиниот Индекс за безбедност на новинарите генерално, бележи стагнација или пад во 2021 година во споредба со 2020 година.

Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија забележаа пад на измерените показатели, додека Хрватска и Северна Македонија забележаа благ пораст. Општото правно и организациско опкружување во кое работат новинарите продолжува да претставува голем проблем, тешко да се реши и подобри, а со тоа не дозволува поголем напредок. Постојат сериозни празнини во разбирањето на клучните кривични дела, посочуваат од Регионалната платформа.

Според мрежата на новинарски здруженија и медиумски синдикати, онлајн вербалните закани и заплашувања станаа реалност и нивниот број се зголемува. Помалиот број на физички напади и општото намалување на бројот на случаи против новинари е добар знак, сепак, дополнително загрижува сериозноста на заканите и фактот дека судските постапки и изречените санкции сè уште немаат застрашувачки ефект. Новинарите како бранители на човековите права продолжуваат да бидат изложени на напади од официјални лица, како и од екстремни групи и поединци, се наведува во соопштението на регионалната платформа, објавено од Здружението на новинари на Македонија.