За денеска напладне е најавен собир на граѓани на градскиот плоштад во чест на загинатите млади животи во пожарот во дискотеката во Кочани. Апелот за собир на граѓани се споделува на социјалните мрежи.
-Да излеземе на кумановскиот плоштад „Маршал Тито“, да оддадеме почит за загубените живот и сочувство до семејствата и познаниците. Во 12 часот на 17.03.2025 година да излеземе и да ги испратиме сите загубени животи, се вели во објавата.
Во пожарот, трагично настрада и музичарот Филип Стевановски од Куманово, магистер по џез науки, кој беше член на бендот на дуото ДНК.
Стевановски беше продуцент, пијанист, тромбонист и композитор, магистер по џез науки, а вработен беше како професор во Државниот музички училишен центар (ДМУЦ) „Сергеј Михајлов“ – Штип.
Стевановски своето основно образование го завршил во Куманово. Своето школување го продолжил во „Илија Николовски – Луј“ Скопје, а подоцна своето образование го усовршил во Америка.
Завршил два факултети – вокално инструментален оддел класична музика и џез оддел.
Кумановецот Филип Стевановски во јануари годинава беше назначен за директор на Центарот за култура „ Ацо Шопов“ во Штип.
Тој беше и уметнички директор на Џез фестивалот во Куманово.