Во рамките на националната кампања со мотото „Октомвриски розов караван – превенцијата е најдобра заштита“ денеска во Занаетчиски дом во Куманово се одржа трибина со цел подигнување на свесноста за рано откривање рак на дојката. Присутните имаа можност да се информираат за тековните активности за превенција и лекување на ракот на дојката, но и како правилно да се направи самопреглед на дојките. Ракот на дојка е најчестото малигно заболување кај жените и е водечка причина за смртност. Но, со мамографија може да се открие канцерот во рана фаза кога не дава никакви симптоми и затоа е битно жената да прави редовни мамографии. Лекарите препорачуваат да се почне со мамографија на 40 години возраст и тоа на секои две години.
Кумановската болница започна со скрининг на рак на дојка од март годинава. Во состав на болницата работи Кабинет за дојка за мамографски прегледи, а постои можност и за ехо- прегледи. Претходните шест години кумановки потребните прегледи ги правеа на скопските клиники бидејќи мамографот кој беше донација беше расипан. Современ мамограф од Министерството за здравство кумановската болница доби дури минатата година.
Сите заинтересирани за скрининг за рана детекција на карцином на дојка може да се пријават електронски на skrining.mk. Пациентките кои не се во можност да го искористат терминот, треба навреме да го откажат.
Повеќе детали на оваа тема од д-р Маја Јакимовска, специјалист по радиодијагностика и д-р Стефан Трајановски, директор на Општа болница Куманово во вестите во 18 и 22 часот.