Министерството за внатрешни работи соопшти дека во текот на вчерашниот ден 651 прекршоци се регистрирани преку проектот „Безбеден град“. Од нив, за минување на црвено светло констатирани се вкупно 50 прекршоци, за возење со брзина поголема од дозволената констатирани се вкупно 585 прекршоци, а за нерегистрирани возила 16 прекршоци. При тоа изречени се вкупно 58 забрани за управување на моторно возило.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски смета дека со реализацијата на проектот „Безбеден град“ граѓаните ќе сфатат дека и досега можеле да живеат подобро и побезбедно.
„Благодарност до македонските граѓани кои со своето однесување придонесуваат за подигнување на сообраќајната безбедност. Резултатите првични од овие два дена навистина наговестуваат дека ние со овој проект имаме надеж која што е видлива дека безбедноста ќе ја поткренеме на одредено ниво и ќе ја поткремене свеста на македонските граѓани дека не само што можеле да живеат подобро и побезбедно туку со ваков сериозен пристап да си ја подобриме Македонија во секој еден сегмент во партнерство и соработка со граѓаните“, кажа Тошковски.