Успешно заврши проектот „Волонтирај-Резултирај“

„Да бидеш волонтер значи да бидеш хуман, активен младинец кој сака да се вклучи во активности кои придонесуваат за развој на својата локална средина, заедница. Преку волонтерството градиш мрежа на пријатели, се запознаваш со нови лица и работиш на разни теми кои ве обединуваат. Обезбедуваш активно младинско учество“, беше речено на денешната завршна активност од реализацијата на проектот „Волонтирај-Резултирај“. Апликант и координатор на проектот е младинската организација Креатор од Куманово која што денеска во центарот за култура ги претстави спроведените активности и резултати на проектот чија што цел е развивање и поддршка на младите, младинска партиципација и младинскиот активизам.

-Над 200 средношколци зедоа учество во локални работилници и ги збогатија своите знаења на тема Волонтерство, бенефити што ги добиваме преку волонтирање, каде да најдеме можности како волонтери, кои се нашите права, но кои се и нашите обврски како волонтери. Десет локални еднодневни работилници овозможија простор младите од средните училишта да се запознаат меѓу себе, да остварат контакти, да направат една мрежа на локални волонтери и идни партнери. Со тоа ја постигнавме и главната цел на проектот, промовираме што значи активно младинско учество преку волонтирање и придонесовме кон остварување на севкупната цел на проектот, а тоа е развивање и поддршка на младите, младинската партиципација и младинскиот активизам, рече Катерина Димовска, координатор

Во рамки на проектот беше реконструирано и реобновено детското игралиште во Соколански парк, а се организираше и дводневен семинар за претставници  од невладиниот сектор, средните училишта и работната група.

„Волонтирај- Резултирај“ се спроведува во шест земји од регионот. „Во Македонија, соработуваме  со пет општини, покрај Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Ресен“, рече претставничката на УНДП , Ива Колозова.

– Куманово е општина во која што одобривме најмногу проекти кои што се однесуваат на млади. Се виде и по самите апликации на граѓанските организации дека младите навистина се приоритет во општината и се сфаќаат сериозно. Еден од приоритетите и сегашен и во следните години на ЕУ се исто така младите и младинскиот активизам и волонтеризам, рече Ива Колозова, претставник на УНДП

-Проектот се имплементира во рамки на Регионалната програма за локална демократија  во Западен Балкан финансиран од ЕУ, а спроведувана од Програмата за развој на Обединетите нации, рече Викторија Додевска,  модератор

Младинската организација Креатор додели благодарници на претставници на средните училишта во градот, а пред присутните се обрати Анита Цветковска, професор во гимназијата „Гоце Делчев“.

-Среќна сум што преку проектот „Волонтирај –Резултирај“ конечно можеби организирано успеаа учениците да си го најдат своето место и да дадат свој придонес во волонтирањето. Ние можеби две-три години се обидуваме и во нашето училиште и во соработка со другите училишта да правиме нешто, меѓутоа ваков проект им овозможи на учениците да се најдат на едно место организирани со организаторите, девет месеци работеа и се гледаат резултатите, рече Анита Цветковска, професор во Гимназија „Гоце Делчев “

Младинската организација Креатор работи на полето на неформалното образование, активно младинско учество, развивање на меѓукултурно разбирање и дијалог помеѓу млади лица на возраст од 16 до 30 години од Куманово, регионот и Европа , млади кои што доаѓаат од различни етнички, политички, социјални и религиозни определби.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)