Четири милиони денари од општинскиот буџет за поправка на механизацијата за тековно санирање на депонијата Краста изгласаа советниците на вчерашната вонредна седница на Советот на Општина Куманово. Со 18 гласови за и пет воздржани, советниците на мнозинството дадоа поддршка за пренамена на средствата од Програмата за одржување и заштита на локалните патишта и улици во Куманово, за санација на депонијата. Опозицијата беше воздржана, а советниците на НАИ ја напуштија седницата додека советниците поединечно се изјаснуваа.
Претходно, на редовна седица беше дополнет дневниот ред со Информација за состојбата со депонијата Краста, на која првично беше донесен заклучок да се пренаменат 2 милиони денари од тековните резерви на Советот, но одлуката беше изменета по предлог на градоначалникот.
„Во врска со измената на распоредот на буџетот на Општина Куманово за 2026 година, а се со цел да се изврши поправка на механизација за тековно санирање на депонијата Краста, секторот за финансиски прашања има изготвено одлука. Секторот за финансии по предлог на градоначалникот одлучи да пренамениме двојно повеќе средства од програмата – одржување и заштита на локални патишта и улици во износ од 4 милиони денари, на Општинскиот штаб за заштита и спасување“, истакна Фросина Милковска, овластен помошник раководител на секторот за финансиски прашања, на денешната прва вонредна седница на Советот на Општина Куманово. Станува збор за ставката за летно одржување на јавно- прометни површини. Од вкупно 15 милиони денари, се кратат 4 милиони денари кои ќе се пренаменат за проблемот со Краста, на Општинскиот штаб за заштита и спасување.