„Во секоја општина мора да постои ред во сите области, доколку сакаме животот на граѓаните да функционира нормално, затоа што без него се доведуваат во прашање сите витални функции. Така и во урбанизмот. Ако нема ред и ако тој не е плански, не можеме да зборуваме за развој на општината. Спротивно, секојдневно ќе се соочуваме со безредие, урбан хаос што ни го отежнува живеењето. Со современи урбанистички решенија и модерна инфраструктура, Куманово ќе продолжи да се развива во поуреден, подостапен и пофункционален град. Создаваме средина во која секој граѓанин ќе има пристап до квалитетни јавни простори, сигурен сообраќај, зелени површини и современи содржини за рекреација, а воедно ќе се зачува и надгради урбаниот идентитет на градот. Куманово мора да се развива организирано, планирано и во интерес на граѓаните, за да остане град со јасна визија и стабилна иднина.
Затоа во нашата програма предвидуваме:
– Нов Генерален урбанистички план (ГУП) со проширен плански опфат и урбанизација на населбите: Карпош, Ајдучка Чешма, Иго Тричковиќ, Говедарски Пат и Железничка Станица. – Ширење на градскиот опфат и планирање на нови урбани блокови со стандардизиран изглед на наменски зони планирани за домување. · Инклузивно и одржливо урбанистичко планирање со фокус на јавниот интерес пред интересот на поединецот. · Ставање во функција на урбаните месни заедници како појдовна точка за учество на јавноста во процесите на урбанистичкото планирање. Понатаму, имаме зацртано серија активности со кои ќе ги оствариме нашите цели во урбаниот развој. – Отстранување времени објекти кои го узурпираат јавниот простор на територија на целата општина. – Изградба на административно-деловен комплекс на локалитет Чоробенско ќоше и нов плоштад, подземна катна гаража со голем капацитет, и зелен урбан сквер поврзан со градскиот плоштад. – Дислокација на монтажната катна гаража и уредување на просторот со нов урбан сквер за млади и плато за настани (пред новиот Младински центар во склоп на НУЦК „Трајко Прокопиев“). – Санација на плоштад „Нова Југославија“ . – Урбан сквер и шеталиште до Спортската сала, спроти Градскиот кеј по должина на бул. „Октомвриска револуција“. – Уредување на речното корито и поврзување на кејот од Митев мост до нов парк во с. Проевце, и од Митев мост до Грaдскиот парк. – Реконструкција на изворите со минерална вода во село Проевце и партерно уредување на нивната околина. – Изградба и уредување на просторот наменет за нови Градски гробишта со соодветна инфраструктура, изградба на нови капела и реконструкција на постојната капела, како и проширување на постојните муслиманските гробишта. – Реконструкција на фасади на објекти од архитектонско културно наследство (хотел „Куманово“, на ул. „11 Октомври“, на локалитетот „Стар мерак“, Занаетчиски дом, на ул. „Браќа Рибар“ и други). – Уредување на простори меѓу станбени згради на бул. „Октомвриска револуција“ со детски катчиња, игралишта, паркинг простор и урбана опрема. – Функционално и естетско осветлување на јавни објекти и површини од јавен интерес. Куманово ќе го развиваме урбано со тоа што плански ќе го организираме просторот на кој се просторира. Со тоа ќе го подобриме и квалитетот на животот на граѓаните и ќе ја заштитиме животната средина и ќе создадеме услови за одржлив економски и социјален развој“, кажа Ивана Ѓорѓиевска, носител на листа на кандидати за советници од Движење ЗНАМ – За наша Македонија, на денешната прес-конференција одржана во изборниот штаб на партијата.