Министерството за економија ќе соопшти мерки за поскапувањето на основните прехранбени производи утре или в понеделник, поради кои граѓаните организираат бојкот на поголемите маркети.
Министерот Бесар Дурмиши најави дека ќе се одржи средба со синдикатите, потрошувачките организации и релевантните институции за новата методологија за пресметка на потрошувачката кошница.
„Легитимно е да има бојкот на маркетите, го разбирам организирањето на вакви активности зашто одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни приходи на грбот на граѓаните. Ќе преземеме соодветни мерки“, изјави Дурмиши.
Тој информираше дека Државниот пазарен инспекторат ќе заврши контроли до крајот на неделава, кои ќе вклучат дистрибутери, добавувачи, производители и трговци, за да се провери дали е зголемена маржата на цените.