Ќе се реконструира подрачното основно училиште во село Љубодраг

После празниците почнува реконструкцијата и адаптацијата на подрачното основно училиште на основното училиште „Карпош“ во село Љубодраг, Куманово, информираа денеска надлежните од училиштето. Проектот, финансиран од Министерството за образование и наука предвидува реконструкција на покривот, подовите и тоалетите, замена на прозорците и вратите, како и изградба на нов систем за парно греење на пелети. Објектот ќе добие и енергетски ефикасна фасада, нова водоводна инсталација, но и адаптација на санитарните јазли и пристапни рампи за ученици со попреченост.

– Со реконструкцијата се очекува да се обезбедат поквалитетни услови за изведување на наставата во ова училиште во кое учат 36 ученици во четири паралелки од прво до петто одделение, со тоа што во комбинирана паралелка учат четврто и петто одделение. Од шесто до деветто одделение овие ученици ја следат наставата во централното основно училиште „Карпош“ во село Умин Дол, каде што реконструкцијата на училишната зграда е во завршна фаза, изјави директорката на училиштето, Тања Тодоровска.

Реконструкцијата со адаптација на подрачното училиште во село Љубодраг ќе се реализира во рамките на проектот „Реконструкција на училишни објекти на основни и средни училишта“, со поддршка на Министерството за образование и Општина Куманово. Надлежните од училиштето и претставниците од МОН и општина Куманово, изведувачот и надзорот потпишаа договор на почетокот од неделава. Изведувачот има рок од четири месеци да го заврши проектот и се очекува учениците од ова подрачно училиште од наредната учебна година да следат настава во реконструиран објект.

– Ова е прва темелна реконструкција од кога е изградено училиштето од средината на 70-тите години на минатиот век, изјави Тодоровска.

 

Коментари

коментар(и)