Ќе се унапредува перинаталната здравствена заштита во болницата

Во кумановската општа болница денеска се одржа работен состанок за организација на перинатална здравствена заштита, информираа денеска од болницата. Главниот план опфаќа препораки и ангажман на вклучените субјекти за подобрување на услугите за систем за перинатална грижа. На состанокот за мастер планот за организација на перинатална здравствена заштита присуствуваа претставници од болницата и професорите Елизабета Зисевска и Ана Данева Марковска.

-Системот вклучува поголема комуникација и сигурност на сите нивоа на здравствена заштита.Од матичен гинеколог,до родилиштата и патронажната служба, водење на ризични бремености и раѓања, изјави директорката на болницата, Снежана Захариева.

Глобалната агенда во здравството ширум светот е фокусирана на обезбедување на здрав живот и промоција на благосостојбата и преживувањето за мајките и новороденчињата. Мастер планот за перинатална грижа е заклучок од комбинирани напори на Министерство за здравство и Светската здравствена организација. Тој дава анализа на организирање на системот за перинатална грижа за пружање на услуги и препораки за натамошно подобрување и оптимизација на услугите, како и поддршка од системот за здравствени информации. Во реализација ќе учествуваат шест перинатални мрежни единици.

-Една од нив е и нашата со координативен центар во Куманово. Комитетот за безбедно мајчинство е главно тело за мрежните единици на локално ниво. Со перинаталните мрежни единици ќе раководи извршно тело во чиј состав ќе бидат инволвирани гинеколози, неонатолог, педијатар, акушерки, матични гинеколози, патронажни сестри и претставници од локална самоуправа. Секако во овој проект ќе се вклучи и невладиниот сектор, Project Hope и други, појаснуваат од болницата.

 

 

Коментари

коментар(и)