Министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани во рамките на работната посета на Куманово ја посети Коџа Мехмед-бегџамијата во селото Табановце, заедно со муфтијата на Куманово, Абедин Имери и директорот на НУ Национален конзерваторски центар, Александар Јорданоски. Притоа била нагласена потребата од посебна грижа за овој објект од османлискиот период, прогласен за значајно културно наследство во 2008 година, информираат надлежните.
Според објавата на ресорното министерство, Сулејмани бил информиран дека Муфтиството на ИВЗ – Куманово ја завршило првата фаза од работите на џамијата, која опфати расчистување на надворешниот простор и обележување на границите на џамискиот двор. Следните фази продолжуваат во координација со надлежните институции. Проектот за оваа џамија ќе биде дел од програмата на министерството за култура и туризам за 2027 година, во рамките на заложбите за заштита и зачувување на културното наследство.