„Ангел Шајче“ – домаќин на „Игри без граници “

Детската градинка Ангел Шајче денеска беше домаќин на манифестацијата „Игри без граници 2018“  што традиционално се организира по повод Детската недела во првата недела од месец октомври. На годинешната манифестација учествуваа околу 300 деца од осум градинки во државата. Покрај деца од шесте објекти на Ангел Шајче во Куманово, во Игрите без граници се вклучија и градинките Детелинка од Крива Паланка, 7-ми Септември од Пехчево,23-ти Август  -Берово, Астибо од Штип и три градинки од Скопје, Детска радост , Кочо Рацин и Бубамара.  Присутните ги поздрави директорката на јавната установа Ангел Шајче , Марина Алексовска која меѓу другото рече дека  во игрите не е најважна победата , туку учеството, бидејќи преку игрите децата се физички активни, слободни, задоволни и насмеани.

-Мотото на годинашнава детска недела е „Градиме мостови, чекориме напред“ . Детската недела е манифестација која се организира согласно Законот за заштита на децата, која секогаш ја опфаќа првата полна недела во месец октомври. Оваа манифестација традиционално секоја година ја организираме во соработка со Здружението за спорт, рекреација и анимација Штурчиња, тоа се дипломирани професори на ДИФ со кои што имаме навистина добра соработка во изминатите години и сега и тие се како дел од нашите соработници за да овој настан може да изгледа вака како што денеска ќе изгледа. Игрите навистина се многу битни, знаеме дека децата основната активност со која што стекнуваат знаења, умеења, вештини е играта, меѓутоа и за правилниот психофизички развој потребна е играта, изјави Марина Алексовска, директор на детска градинка „Ангел Шајче “

На присутните им се обрати и градоначалникот Максим Димитриевски.

-Со настанот сакаме да им дадаме можност на нашите најмили и најмлади да се забавуваат низ една форма на натпревар взаемен, да учествуваат во нешто што за нив прилично ќе значи и ќе им даде до значење на нашите најмили и нашите најмлади во опшеството бидејќи тие се еден од најбитните сегменти за секојдневното наше живеење и функционирање, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово

Преку повеќе спортски активности децата се натпреваруваа ,  но истовремено и другаруваа во Спортската сала во градот. На крајот од игрите , сите учесници беа прогласени за победници, односно надлежните од градинката –домаќин Ангел Шајче на сите учесници им доделија пехари и медали.

Коментари

коментар(и)