Асфалтирањето на улиците во градот во полн ек

Продолжува проектот за санација на патната инфраструктура во градот. Денеска се асфалтираше улицата  „11 Октомври “ која води од општината кон кумановската болница, а за утре се најавуваат активности на булеварот „Трета Македонска Ударна Бригада“. Асфалтирањето на улиците во градот го вршат две фирми, КООП Инженеринг и Катинг од Скопје, а целосната реконструкција  на улиците ќе чини околу 22 милиони денари.  Втората фаза од проектот финансиран од локалната самоуправа започна пред две недели со реконструкција на улицата „Бајрам Шабани“, а се очекува активностите да завршат за околу еден месец.  Според надлежните, санацијата на патната инфраструктура се состои во комплетно гребење и поставување на нова асфалтна подлога на улиците. Поради ова надлежните неколкупати апелираа до граѓаните да не се паркираат или пак да ги отстрануваат возилата од улиците каде што се работи за да можат градежните машини непречено да функционираат. Граѓаните на Куманово се задоволни од активностите на локалната самоуправа, но сметаат дека многу долго се чекало да започне санацијата на улиците. Се  надеваат  дека во иднина надлежните нема да дозволат да чекориме по распукани  и пропаднати улици и дека навреме ќе реагираат. Досега се обновуваа повеќе улици, меѓу кои Бајрам Шабани, дел од Тонко Димков, Гоце Делчев, Србо Томовиќ.

Коментари

коментар(и)