Бектеши: Од идната недела ќе се намалат за минимум десет проценти и цените на пијалоците

Од влегувањето во сила до овој момент, задоволни сме како се почитува владината Одлука од страна на трговците, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши во врска со поевтинувањето на основните прехранбени производи за најмалку 10 отсто.

Тој повтори дека од идната недела ќе се намалат за минимум десет проценти и цените на пијалаците.

Инспекциските контроли, истакна министерот, ќе продолжат до крајот на ноември, а секоја недоследност, како евентуално недоволно снабдување со одредени производи во маркетите, граѓаните треба да ја пријават во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).

Според министерот, Владата носи одлуки кои се задолжителни за секторот трговија.

-Тука е вклучено и месото. Имајќи предвид дека освен задолженија за ланците супермаркети или во делот на малопродажбата, во владината Одлука има задолженија и за добавувачите и производителите. Утрово имавме дополнителна координација со ДПИ кој вчера попладне веќе вршеше контроли. Во моментот се во тек различни контроли и тоа ќе продолжи до крајот на ноември. Ако граѓаните забележуваат дека вакви работи може да се случуваат, да пријават во Инспекторатот и согласно законските одредби и задолженијата што ги добиле, тие ќе постапат и за нив ќе следи тоа што е предвидено во законските прописи, истакна Бектеши.