ВИДЕО: Бригаден генерал Мирче Ѓоргоски – нов командант на Командата за операции

Во касарната „Боро Менков“ во Куманово со воена свеченост, согласно Правилото за воен протокол со предавањето на военото знаме денеска се изврши примопредавање на должноста командант на Командата за операции (КО), помеѓу бригаден генерал Бесник Емини и бригаден генерал Мирче Ѓоргоски.

Бригадниот генерал Ѓоргоски досега ја извршуваше должноста началник на штаб во КО, а отсега ќе раководи со најголемата оперативна команда во Армијата на Република Северна Македонија, додека бригаден генерал Бесник Емини во понатамошниот период ќе извршува должности во Министерството за одбрана.

На свеченоста пред стројот на припадниците на потчинетите единици со пригодни говори се обратија: началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-мајор Сашко Лафчиски, досегашниот и новопоставениот командант на Командата за операции.

Бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски во својата кариера извршува повеќе командни и штабни должности и тоа: командир на хаубичка артилериска батерија 105 мм, командир на минофрлачка батерија 120 мм, командир на Вод за обезбедување на Претседателот на Република Македонија, заменик на командант на хаубички артилериски баталјон 105 мм, офицер за протокол во кабинетот на Директорот на ГШ на АРМ, командант на питомечки баталјон во Воената Академија, офицер за планови во Одделението за планирање и интеграција на силите во Г3 на ГШ на АРМ, началник на Канцеларија за односи со јавноста и Портпарол на ГШ на АРМ, Аѓутант на Врховниот командант, Командант на 1.механизирана пешадиска бригада и Началник на Штаб во КО.

Бригадниот генерал Бесник Емини во текот на воената кариера извршувал повеќе командантски и штабни должности, меѓу кои и командант на Ренџерскиот баталјон, како и началник на штаб во КО, и командант на 1.пбр, а претходната должност, командант на КО ја извршуваше од 2021 година.

На воената свеченост покрај началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски присуствуваа и генералите во Армијата, Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, поранешни команданти и команданти на потчинетите единици.

Командата за операции е најголема команда на оперативно рамниште чија мисија е подготовка на конвенционалните копнени и воздухопловни сили на Армијата за одбрана и заштита на територијалниот интегритет и независноста на државата. Со декларираните сили учествува во операции за поддршка на мирот со што придонесува во заштита на пошироките интереси на Република Северна Македонија.