Компанијата „Бучен Козјак“ од Куманово е добитник на престижно признание за значаен придонес во развојот на млечната индустрија на Меѓународната агробизнис конференција – МАК 2025, која се одржа во Копаоник, Србија.
Тема на конференцијата била: „Климатските промени и еколошката одржливост во агросекторот и производство на храна“, а присуствувале претставници од повеќе земји од регионот и од Југоисточна Европа.
Агробизнис конференција се одржува по 12. пат, а ја организирале Институтот за заштита на растенија и животна средина-Белград и Научно-деловниот центар WORLD-Краљево.
„Со особена чест и задоволство го примивме „Признанието за значаен придонес во развојот на млечната индустрија“ на МАК 2025. Ова признание ја одразува нашата долгогодишна посветеност на високите стандарди, одржливото производство и квалитетот што го испорачуваме на потрошувачите секој ден.
Во време кога климатските промени и одржливоста се главни предизвици во агросекторот, ова признание ни дава дополнителен поттик да продолжиме да вложуваме во иновативни, еколошки одговорни и одржливи практики, кои обезбедуваат квалитетна и безбедна храна.
Нашата мисија е да ја зачуваме традицијата на производството на млечни производи, но истовремено и да ја унапредуваме со модерни решенија, следејќи ги најдобрите светски трендови во индустријата.
Искрено благодариме на организаторите, партнерите и сите учесници за плодните дискусии, размената на знаење и можноста за нови соработки. Ваквите настани се од суштинско значење за унапредување на млечната индустрија во регионот и пошироко“, соопштија од компанијата.
Инаку, „Бучен Козјак“ континуирано ја негува својата политика за квалитет, посветено работи кон остварување на поставените цели и се стреми кон усовршување на производствените капацитети и персоналот, како и унапредување на работната атмосфера.
Работи во согласност со ХАСАП принципи на работење, како системски превентивен пристап кој се применува во прехранбената индустрија за идентификување на потенцијалните ризици и соодветни активности за исполнување на стандардот.
„Бучен Козјак“ ги исполнува барањата на стандардот за квалитет ISO 9001:2015. Според овој стандард компанијата се обврзува во целост да ја спроведува политиката за квалитет која е рамка за воспоставување и прегледување на дефинираните цели за квалитет.
„ Бучен Козјак“ има добиено QUDAL медал за квалитет од страна на швајцарската организација за сертификација ICERTIAS во 2014 година.
Покрај тоа, „Бучен Козјак“ произведува во согласност со HALAL стандардот за квалитет – ги применува дефинираните прописи за HALAL квалитет во процесот на производство.
Производите на „Бучен Козјак“ се препорачани и од Здружението на педијатри на Македонија.
Како општествено одговорна компанија, „Бучен Козјак“ има реализирано инвестиции во „Зелени проекти”, со што дава огромен придонес кон определбите за одржлив развој во енергетскиот систем и искористување на алтернативни извори на енергија. Изградена е фотоволтаична централа сo капацитет од 263,45 kWp, со вкупно 585 модули, на производствениот погон кој задоволува еден дел од потребите на елекрична енергија. Во завршна фаза е и инсталација на гасна станица, за замена на нафта како енергенс. И двете инвестиции се со значаен очекуван придонес за енергетска ефикасност, но и придонес за заштита на животната средина и развивање на т.н зелена економија.