(ВИДЕО)Акција за безбедност на пешаците во Куманово

На градскиот плоштад денеска беше организирана акцијата во склоп на новата кампања „И јас и ти-сите сме пешаци! Безбедноста на прво место! која ја спроведуваат Министерството за внатрешни работи, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност од Скопје. Според податоците на надлежните, минатата 2021 година е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првото тримесечје во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на значително намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи. Деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски изјави дека новата кампања на МВР, РСБСП и Факултетот за безбедност значително ќе придонесе за актуелизирање на предизвикот за безбедно учество во сообраќајот на сите учесници, особено на пешаците како ранлива категорија.

– Ќе се обидеме да влијаеме во континуитет да ги држиме внимателни и пешаците и возачите. Со оваа кампања сакам особено да им се обратиме на помладите да ги заштитиме да бидат внимателни за себе и за другите учесници во сообраќајот. Навистина не се убави сликите кои се емитуваат на медиумите, кога гледаме дека семејства тажат по своите загинати членови и затоа сите заеднички треба да одговориме на овој предизвик. Заеднички можеме да постигнеме многу и јас и ти, сите сме пешаци, изјави Дујовски.

МВР со партнерите ќе продолжи со превентивни и репресивни мерки кои ќе придонесат за безбедност во сообраќајот, бидејќи ваквите превентивни акции директно влијаат на подигањето на нивото на сообраќајна култура, а на тој начин се намалува бројот на жртви во сообраќајот, рече портпаролот Тони Ангеловски.

– Во првото тримесечје имаме 18 жртви што споредено со минатата година за десет помалку, затоа што минатата година имавме 28 жртви во првото тримесечје. Што се однесува, пак, конкретно до месец март имаме четири жртви на сообраќајниците, споредено со минатата година тоа е за четири пати помалку затоа што минатата година имавме 16 жртви во сообраќајот. Но, за нас и една жртва е многу и затоа интензивно продолжуваме и со овие превентивни кампањи, но и со репресивните, односно со санкционирање на оние што не ги почитуваат правилата за да имаме што е можно побезбеден сообраќај, рече портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Пешаците се најмасовна и најранлива, но и најнедисциплинирана категорија на учесници во сообраќајот, рече портпаролот на РСБСП Дејан Андоновиќ.

-Сите сме ние првин пешаци, а потоа сè друго. И во сообраќајот мораме да знаеме и апелираме дека нема апсолутно предимство. Оттаму, почитувајте ги правилата и прописите, пропишаната сообраќајна сигнализација, преминувајте улица таму каде што е означено. Се знае дека на црвено се стои, на зелено се поминува. И почитувајте ги останатите учесници во сообраќајот , изјави Андоновиќ.

Кампањата започна од први април годинава, а ќе се реализира неколку месеци, при што ќе бидат опфатени голем број градови.

 

Коментари

коментар(и)