(ВИДЕО)Комеморација во чест на Богдан Таневски, директорот на НУ Музеј

Комеморација за прерано починатиот директор Богдан Таневски денеска одржа НУ Музеј во салата на некогашниот Занаетчиски дом.

„Не напушти човек со златни раце и големо срце. Истакнат историчар на уметност, конзерватор, наш колега, Богдан Таневски“. Човекот за кого се собравме фасцинираше со својата појава, воодушевуваше со скромност, умереност, дарежливост, мудрост и енергија. Тоа најдобро го знаеја неговите најблиски на кои што им беше поткрепа и инспирација“, истакна археологот Фросина Лазаревска, повикувајќи ја неговата ќерка Александра Таневска да се обрати пред присутните.

Љубовта кон уметноста, старините, конзерваторската работа потекнува уште од средношколските денови. На 27-годишна возраст започнува да работи во кумановскиот музеј, за подоцна, цели 37 години посветено да се труди да ја развие музејската дејност на градот и за првпат во 2006-та година, Куманово да добие Постојана музејска поставка. Во трите мандати како директор на една културна институција, го презема во надлежност Меморијалниот центар АСНОМ, целосно ја обновува музејската зграда, уметничката галерија, спомен куќата на Христијан Тодоровски Карпош, а го уредува и лапидариумот во музејскиот двор. Тука се и ликовните колонии, изложбите и другите манифестации.

Во својот работен век Таневски беше посветен и на конзервација на икони, иконостаси, фрескоживопис, резби, реставрација на мозаици, музејски експонати, споменци од културата. Музејот го сметаше за свој дом, а работата за него беше еден вид медијација која одмора, рече Лазаревска.

Сеќавањата на убавите времиња и долгодишната соработка со Таневски со присутните ги споделија  доктор Елеонора Петрова и Славица Митевска.

Телеграми со зборови на сочувство кон семејството упатија министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и колегите од НУ Музеј Битола.

Директорот на музејот, Богдан Таневски, познат конзерватор и културен работник во Куманово и државата, ненадејно почина на 64-годишна возраст.

Таневски е роден на 23 мај 1958 година во Куманово. Основно и средно училиште завршил во Куманово, во 1984 година дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, отсек историја на уметност со археологија.

Целиот свој живот го посветил на својата професија и развој на Музејот во Куманово, зачувување и заштите на културно-историското наследство во Куманово и Македонија.

 

Коментари

коментар(и)