(ВИДЕО)Одбележани 109 години од Кумановската битка во Зебрњак

На Спомен костурницата на паднатите борци во Зебрњак денеска беше одбележана 109-годишнина од Кумановската битка  и големата победа на српската војска против Турците од 22 до 24 октомври 1912 година во рамките на Првата балканска војна.

Порака и повик за помасовна посетеност и оддавање почит на претците упати Миодраг Капор, претставник на Владата на Република Србија, посочувајќи дека токму еден од приоритетите на нивната држава е развивање и продлабочување на добрососедските односи на политички, економски, културен план. Во Кумановска битка, на ова место, според Капор, животот го загубиле 687 српски борци,  597 биле исчезнати а 3.280 биле ранети.

-Северна Македонија и Србија цврсто се поврзани и мора да се работи на уште подобра соработка и продлабочување на врските, рече Капор.

Пред присутните се обрати и претседателката на Српската заедница во Македонија, Гордана Јовиќ –Стојковска, а на манифестацијата присуствуваше и новата српска амбасадорка во Македонија, Невена Јовановиќ.

Свеченоста беше збогатена со музички точки и рецитали од членови на културно- уметничкото друштво „Српски вез“.

Свежо цвеќе во чест на загинатите во Кумановска битка положија делегации од Македонија и Србија, претставници на Владата, Српската заедница во Македонија, делегации на општините Старо Нагоричане и Куманово , политички партии, невладини здруженија и граѓани .

Споменикот е свечено осветен на 31 октомври 1937 година, на 25-годишнината од победата во Кумановската битка.  Имал облика на кула во висина од 48,5 метри. Монументалниот споменик на ридот Зебрњак кај Куманово е урнат на почетокот на Втората светска војна .

Коментари

коментар(и)