(ВИДЕО)Презентиран Локалниот еколошки акционен план за општина Куманово

Зајакната соработка помеѓу секторите во Општината, како и соработка меѓу општините во Североисточен регион и другите општини при дефинирање на регионални и национални проекти и мерки за подобрување на животната средина, подигната јавна свест на населението за значењето на заштитата на животната средина во сите сегменти, преземање конкретни обврски и грижа за животната средина од страна на локалната заедница преку зголемен број на успешно реализирани проекти и иницијативи за решавање на проблемите од областа на животната средина, создадени услови и зајакнати локални капацитети за спроведување на најприоритетните мерки и активности дадени во Акциониот План на документот се очекуваните резултати од Локалниот еколошки акционен план на општина Куманово изработен во партнерство со експертски тим на „Екомозаик“ од Скопје.  ЛЕАП документот се однесува на шестгодишен период од 2022-2028, кој се очекува да биде усвоен од Советот на општината.

На денешната јавна расправа пред присутните беше презентиран Локалниот еколошки акционен план кој претставува основен стратешки документ за заштита, планирање и управување со животната средина. Главниот координатор на проектот Славјанка  Пејчиновска – Андонова, магистар по инженерство за животна средина истакна дека главната цел при подготовка на ЛЕАП за општина Куманово била  дефинирање на состојбата со животната средина во сите тематски области (воздух, води, отпад, бучава, почва и искористување на земјиште/урбан развој, биодиверзитет/геодиверзитет во општината, родова еднаквост и климатски промени), евидентирање на главните предизвици во животната средина и предложување на мерки и активности за нивно надминување во следниот период од шест години. За развивање на ЛЕАП документот беше користена меѓународно признаена методологија DPSIR која овозможи да се даде осврт на медиумите на животната средина, да се идентификуваат клучни предизвици за секој од медиумите и да се развие Акционен план со соодветни мерки за секој од предизвиците, вели Пејчиновска – Андонова.

ЛЕАП документот содржи поглавја со општи податоци за општината, опис и идентификација на сегашната состојба со медиумите и областите на животната средина и предизвици за секоја од тематските области, како и препораки за нивно решавање, анализа на мислењето на граѓаните во општината и предлог акционен план со мерки, активности и вклучени индикатори за следење на нивната реализација.

„Граѓаните на Куманово навистина беа заинтересирани да одговорат на прашалниците кои содржеа 30 прашања поврзани со животната средина“, посочи Јана  Ангеловска, дипломиран инженер за животна средина.

Преку своите одговори, над сто кумановци на возраст од 40-65 години индиректно учествувале во подготвката на ЛЕАП документот.

Подготвениот ЛЕАП за Општина Куманово  е ставен на увид на web страната на Општина Куманово.

 

 

Коментари

коментар(и)