(ВИДЕО) Ѓорѓиевска: Да се избориме за вистински промени во Куманово!

Реконструкција и изградба на водоводна и канализациона мрежа во сите делови на општина Куманово, како и реконструкција и асфалтирање на 60 километри улици и патишта најавува ВМРО-ДПМНЕ, доколку на локалните избори ја добие поддршката од граѓаните. „Општина Куманово не само што не претставува пример на успешна општина, туку со децении не може да ги реши ниту основните комунални проблеми“, рече на денешната прес-конференција Слаѓана Ѓорѓиевска, кандидат за советник во Советот на општината.

– Огромен дел од граѓаните, посебно во приградските населби и селата, се уште живеат во услови  каде што нема поставено водоводна и канализациона мрежа. Освен тоа и на многу места каде што има комунална инфраструктура, сведоци сме на  постојани дефекти на старата и дотрајана мрежа. Голем дел од граѓаните  газат кал на своите улици. Асфалтирање на улиците се случува во најголем дел пред избори и тоа неквалитетно.

Локалната власт  предводена од СДСМ, за прв пат на овие избори излегува со двајца кандидати, кои продолжуваат со старите ветувања за проекти  кои со децении не ги реализираат. Единствено што прават е на секои избори , во текот на кампањата, со цел да придобијат што повеќе гласачи, започнуваат со одредени градежни зафати на улици кои во добар дел се прават нецелосно и неквалитетно и имаат за цел да извршат притисок врз граѓаните да гласаат за актуелната власт.

Со години како советничка група се бориме за многу посериозен пристап во решавањето на овој проблем, но  сите наши обиди  да го наметнеме како приоритет одржувањето и  изградбата на водоводна и канализациона мрежа во целата општина и асфалтирање на улиците беа одбивани од локалната власт.

Време е конечно да се врати достоинството на сите граѓани, без разлика дали живеат во селата, приградските населби или пак во центарот на градот.

На овие избори  Коалицијата „За обнова на Македонија” предводена од ВМРО-ДПМНЕ нуди решенија и тоа преку:

-реконструкција и изгрaдба на водоводна и канализациона мрежа во сите делови на општина Куманово

-преку изготвена програма за изградба на патна инфраструктура за период од 4 години, ќе реконструираме и асфалтираме 60 километри улици и патишта во општината со крајна цел да го видиме Куманово без кал, рече Слаѓана Ѓорѓиевска, ОК ВМРО-ДПМНЕ Куманово

Ѓорѓиевска ги повика граѓаните на 17-ти октомври да се изборат за, како што вели, вистински промени во Куманово и да ги поддржат кандидатот за градоначалник Тони Михајловски и советничката листа на коалицијата „За обнова на Македонија“.

Коментари

коментар(и)