ВИДЕО: Австрискиот аташе за социјални работи Харалд Фугер во „Порака наша“
Успешно се спроведува проектот „Сервис за домашна нега на стари лица и лица со попреченост“, информираа денеска надлежните од Регионалниот центар за лица „Порака наша“. Во проектот вклучени се 32 корисника кои што ги опслужуваат лиценцирани негуватели. Во посета на „Порака наша“ денеска беше австрискиот аташе за социјални работи Харалд Фугер за да одблиску се запознае и информира за реализацијата на проектот кој го финансира австриското министерство за труд и социјални работи, а се имплементира во соработка со австрискиот Црвен крст, со Црвен Крст на Македонија и општинската организација на Црвен крст од Куманово.
-Министерството соработува со различни граѓански организации од регионот и овде финансиски го поддржуваме проектот за грижа на старите и на лицата со попреченост во градот. Воодушевени сме од ентузијазмот на „Порака наша“ кои го имплементираат проектот и ќе овозможат одржливост во иднина во овој регион. Проектот се фокусира на пружање нега, поддршка на старите и на лицата со попреченост, изјави Фугер.
Освен регионалниот центар, Фугер денеска се сретна и со претставници на здружението Инклузива, Домот за стари лица „Зафир Сајто“, болницата, центарот за вработување.
Инаку, заврши конкурсот за ангажман на лиценцирани негуватели/ки за помош и нега на стари лица и лица со попреченост во рамките на проектот „ Ублажување на ефектите и последиците од Ковид-19 на најранливите категории во општеството со посебен фокус на постари лица и лица со попреченост“, а се планира сервисот да се лиценцира и како таков да продолжи да работи.
-Проектот „Сервис за домашна нега на стари лица и лица со попреченост“ навистина даде одлични резултати досега на терен. Ова е една вонинституционална форма на социјална заштита, освен социјална заштита за овие корисници преку проектот нудиме психолошка поддршка, здравствена поддршка, имаме 32 корисника во проектот и досега лиценцирани негуватели. Како што знаете имавме и повик за негуватели, ќе има обука во Црвен крст во општинската организација во Куманово затоа што планираме сервисот да го лиценцираме и да продолжиме да функционираме на овој начин. Потребата е огромна дури имаме и листа на чекање како за стари лица, така и за лица со попреченост бидејќи се повеќе во градот а и во заедницата се препознава оваа потреба. Нашите негуватели работат секојдневни практични активности, одржување на лична хигиена, хигиена на простор, набавка на намирници, на лекови, сето тоа што оваа ранлива категорија не може сама да го направи. Со ова ги подобруваме условите, го подобруваме квалитетот на животот на овие ранливи категории, изјави Фросина Симоновска, дефектолог во „Порака наша“.
Сервисот во Куманово започна во февруари и веќе успешно функционира , опфатени се рурални и градски средини, посочуваат од „Порака наша“.