Седумстотини илјади евра ќе обезбеди Владата за реконструкција на спортскиот објект во Соколана, најави премиерот Христијан Мицкоски при денешната посета на Куманово. Проектот е изработен, а средствата од буџетот се очекуваат по завршувањето на локалните избори.
Од централниот буџет, како што кажа Мицкоски, досега се финансирани проекти во вкупна вредност од 11 до 12 милиони евра во Куманово.
За реконструкција на најстариот спортски објект во градот, Општина Куманово изминатите две години инвестираше околу 300.000 евра, истакна градоначалникот Максим Димитриевски при посетата на Соколана, заедно со претседателот на Владата, Мицкоски.
Претходно беа посетени поголем број на стопански субјекти во градот, како што се дистрибутивниот центар Лидл во индустриската зона Речица и кланицата БДА Компани .
Како што соопшти премиерот, ЛИДЛ е центар на логистички иновации и одржливост, инвестиција вредна 80 милиони евра со која се создадени 230 нови работни позиции.
Мицкоски го посети и кумановскиот Театар кој во секој момент ја очекува последната фаза од реконструкцијата.
„Овој значаен проект доби целосна финансиска поддршка и конечно ќе му овозможи на Куманово нов, современ театарски објект, достоинствен простор за културна продукција и врвно уметничко изразување“, соопшти Мицкоски.
„Проектот, кој со години се реализираше со значителни застои поради недоволно обезбедени средства од страна на минатата власт, конечно добива целосна финансиска поддршка. Во периодот 2021–2024 беа инвестирани само 31 милион денари од вкупната проектирана вредност од 174 милиони денари. Денес, Министерството за култура и туризам и Владата на Македонија го комплетираат финансирањето со дополнителни 143 милиони денари, со што се овозможува непречена реализација на проектот во целост. Во тек е електронската аукција по спроведената јавна набавка за избор на изведувач. Очекуваме реализацијата да започне веднаш по склучување на договорот, а завршувањето е предвидено до крајот на 2026 година. Куманово конечно ќе добие нов, современ театарски објект – достоен простор за културна продукција и уметничко изразување на високо ниво.
Реконструкцијата ќе опфати:
• Целосна внатрешна и надворешна санација на објектот
• Подобрување на енергетската ефикасност и пристапноста за лица со попреченост
• Засилување на конструкцијата, модернизација на големата сала и техничката опрема
• Реновирање на помошните простории и галерискиот простор
• Гледалиште со капацитет од 189 седишта во партерот, 35 на галерија и дополнителни мобилни трибини
• Вкупна површина: 1191 м² (подрумско ниво, приземје и кат)
Овој капитален проект има за цел не само обнова на еден значаен културен објект, туку и создавање на современ простор за претстави, концерти, изложби и квалитетна работа на културните работници. Театарската зграда повторно ќе стане централна сцена на културниот живот во Куманово – достапна, модерна и инспиративна за сите“, објави министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Во меѓувреме, од отпочнувањето на градежните работи во театарот, претставите се подготвуваат и се изведуваат во Центарот за култура. Реконструкцијата на зградата на театарот започна во август 2021 година.