(ВИДЕО) Во тек постапките за „Сами Фрашери“ и „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“
Постапката за изградба на нов училишен објект за учениците од „Сами Фрашери“ од Куманово е во тек, информираше при посетата на Куманово, премиерот Димитар Ковачевски.
-Во однос на училиштето после долги години Владата донесе одлука за изградба на ново училиште. Во моментов се работи на усогласување на планската документација помеѓу општината Куманово и МОН. Штом тој дел од постапката ќе биде завршен, тогаш ќе може да се пристапи кон соодветни активности за почеток на проектирање и изградба на училиштето, изјави премиерот Ковачевски.
Премиерот нагласи дека во тек се и подготвителни активности за санација на покривот на централните основни училишта „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“.
-Во однос на „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“ објектот, исто така Владата пред краток период донесе одлука за комплетна санација на покривот којшто протекува. И во моментов се прават подготвителните активности за отпочнување на реконструкцијата, изјави премиерот.
Владата кон крајот на август донесе одлука да се изгради нов училишен објект за учениците од „Сами Фрашери“ кои со децении следат настава во несоодветни услови во поранешната административна зграда на „ЗИК Куманово“. Владината одлука предвидува средства во износ од 48 милиони денари во буџетот на МОН за 2023 година и дополнителни 70 милиони денари во 2024. Објектот ќе биде изграден на земјиште во сопственост на државата, лоцирано во поранешната кумановска касарна, се наведува во соопштението на Владата. На истата владина седница беше донесена и одлука за санација на покривот на двете централни основни училишта во Куманово, „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“. За градежните активности како што е наведено во соопштението на Владата, со измени на програмите за капитални инвестиции на МОН годинава се обезбедуваат околу 15 милиони денари со кои ќе се реконструира кровот. Од први септември дел од учениците од Браќа и Крсте поради лошите услови на зградата, се дислоцирани во простории на гимназијата Гоце Делчев.