ВИДЕО: „Доверба“ со работилници во рамки на проектот „Заедно сме посилни“

Во рамките на проектот „Заедно сме посилни – преку врсничка едукација за подобро ментално здравје и ненасилство“, здружението на граѓани „Доверба“ Куманово деновиве реализира работилници во кои се вклучени ученици од средните училишта „Наце Буѓони“, „Гоце Делчев“ и „Перо Наков“. 27-те средношколци активно работат како да се справат со сопствениот стрес, како да побараат поддршка, а понатаму ќе работат и како тие да бидат поддршка во своите училишта односно да ги едуцираат своите врсници и другари.

„Минуваме низ тежок период на колективно ниво. Трауматичниот настан од минатата недела предизвика директна траума кај преживеаните и нивните семејства како и кај семејствата на починатите, но предизвика и индиректна траума кај населението во целата држава. Особено гледам дека кај младите и учениците предизвика силни емоции“, истакна претседателката на ЗГ „Доверба“, психологот  Дивна Јанкова.

Шок и неверување, активирање на одбранбени механизми, процесуирање, реконструкција и прифаќање, прилагодување се состојбите на луѓето по трауматичните настани за кои се разговараше и на денешната работилница.

Повеќе на оваа тема говореа ученичките Меланија Лазаревска – ОСТУ „Наце Буѓони“ , Теодора Николовска – ОСТУ „Наце Буѓони“ и Миа Димитриевиќ –  СОУ „Гоце Делчев“, учеснички во проектот.  

Целта на проектот е да се поддржи менталното здравје, да се зајакне психосоцијалната и социо-емоционалната компетентност на младите, родителите како и професорите и да се создаде безбедна, поддржувачка и ненасилна средина во средните училишта во Куманово.

Проектот кој започна да се реализира во февруари годинава, а ќе трае до први октомври 2025 година е поддржан од Екуменска иницијатива жена – Омиш, Хрватска.