Здружението Илирија Куманово реализираше завршен настан во рамките на проектот „Заедно за добро на сите“, финансиски поддржан од Министерството за односи меѓу заедниците. Носител на проектните активности е здружението Илирија, а партнер-проект е локалната телевизија – ТВ Њуз Куманово.
На финалниот настан што се одржа во центарот за култура, претседателката на здружението и координаторка на проектот, Дије Арифи ги презентираше реализираните активности во изминатиот период. Целта на проектот е подобрување на состојбата на меѓуетничка толеранција и соживот преку соработка и промоција на невладинот сектор, истакнати локални влијателни личности и медиуми од различни националности во регионот на Општина Куманово.
„Заедничката констатација од сите одржани активности е дека дневната политика, медиумите, исто така и социјалните мрежи имаат лошо влијание на меѓуетничките односи и на меѓучовечките односи на истиот етникум“, истакна Арифи, потенцирајќи дека треба многу да се работи на зближување на младите во Куманово.
Во рамките на проектот „Заедно за доброто на сите“, присутните имаа можност да ја проследат двојазичната театарска изведба „Паралелен град“, по текст и режија на Ибер Деари, во изведба на актерите Фатон Гегу и Владанка Крстевски. Оваа изведба зборува за луѓе кои живеат во ист град, често многу блиску едни до други, но сепак многу малку се познаваат. Преку два лика, два јазика и две различни гледишта, претставата нè соочува со предрасудите, стравот и дистанцата што често се создава меѓу нас.
На крајот, следуваше музичка програма со песни на албански и македонски јазик. Настапија познатиот пејач и музичар Шпенд Латифи, Марија Димовска со својот бенд и групата „Фолеја“.