(ВИДЕО) Завршија археолошките истражувања на Градиште

Националната установа Музеј Куманово заврши со археолошките истражувања на локалитетот Градиште, во Младо Нагоричане. Истражувањето кое е предвидено во годишната програма за култура, се извело на два сектори, средна и долна тераса.  Од оваа установа информираат дека за средната тераса иако првин мислеле дека се работи за ѕидови од некоја важна зграда, подоцна увиделе дека инвестиците во ѕидањето биле со цел во самата населба да се направи заштита на акрополата.

-Тоа е важно за нас затоа што ни кажува дека веќе постоела една класна диференцијација на луѓето кои што живееле на акрополата, веројатно владетелот на населбата и оние кои што живееле во останатиот дел на населбата и секако поради безбедносни причини не само што откривме ѕидови туку откривме и кула што била прилепена на ѕидови што значи дека веќе постоел еден организиран систем на живеење и на утврдување на  населбите во хеленистичкиот период. Зборуваме за периодот 4-ти, 3-ти век пред наша ера-посочи Дејан Ѓорѓиевски, археолог при кумановскиот музеј. 

На секторот долна тераса, се откриени повеќе ситуации кои зборуваат дека овој, краен дел од населбата, кој претежно е карпест, можеби се користел за исполнување на некои ритуали и почитување на култови поврзани со долгата регионална традиција на дивинизирање на карпата како божество.

-Откривме јами направени во самата земја и многу керамика. Првичните истражувања укажуваат дека овој дел на населбата можеби се користел за извршување на култови активности на полагање на дарови во карпата тоа е една традиција која што кај нас во кумановскиот регион е многу долга, евидентирана е уште пред 4.000 години на Кокино, Пелинце и еве сега по една пауза од некаде 1.000 години од последната употреба на Кокино како светилиште многу слични ритуали се откриени тука што зборува за еден континуитет во верувањата на луѓето во тој период-дополни тој.

Археолозите посочуваат дека локалитетот продолжува да изненадува со својата развиеност и целосна интегрираност во цивилизациските текови на Медитеранот.

-Откривме многу движни наоди кои зборуваат за силни контекции, врски на овој дел од Македонија со Егејскиот дел, кралството на Античка Македонија, кои пред се се гледаат преку трговската размена. Тие врски ги гледаме преку увезените садови, истите форми на накит што егзистираат и тука и таму, така што можеме да кажеме дека овој дел од балканскиот полуостров бил во голема мера интегриран во цивилизациските токови на медитеранот-истакна Ѓорѓиевски.

Археолозите при кумановскиот музеј на есен ќе продолжат со истражувања и на локалитетот Градиште во Бислим. Двете ископувања се поддржани од Министерството за култура, за што се издвоени 600.000 денари.

 

 

Коментари

коментар(и)