Со свечена приредба за првачињата денеска беше одбележан почетокот на новата учебна 2026/2027 година. По летниот распуст, во училишните клупи се враќаат околу тринаесет илјади основци и средношколци во Куманово.
Денес, градоначалникот Максим Димитриевски заедно со претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска и раководителот на Секторот за образование, Александар Јовановиќ, присуствуваа на приемот на првачињата во ООУ „Браќа Миладиновци“ – Куманово и ООУ „Кирил и Методиј“ – с. Романовце.
Според досега пристигнатите податоци во Министерството за образование и наука, годинава се запишани 14.952 првачиња и 16.932 средношколци во прва година. Учебниците се веќе доставени до училиштата. Едносменска настава ќе се реализира во 620 од вкупно 1.023 училишни објекти. Во новата учебна година се ангажирани 1.358 образовни асистенти во основното и 166 во средното образование.
Наставата за повеќето ученици ќе трае до 10 јуни 2027 година, додека матурантите ќе завршат на 17 мај. Зимскиот распуст ќе биде од 31 декември до 21 јануари.